Македонија Шекеринска и Милошоски на дебата во Брисел

Шекеринска и Милошоски на дебата во Брисел

Радмила Шекеринска и Лидија Димова од СДСМ и Антонио Милошоски од владејачкото мнозинство, денеска попладне во Европскиот парламент во Брисел ќе учествуваат на дводневниот интерпарламентарен семинар, посветен на подобрувањето на политичкиот дијалог и на зацврстувањето на демократијата во земјите-кандидатки и потенцијални кандидати за членство во Европската унија.

На семинарот ќе учествуваат и Талат Џафери од ДУИ, Имер Селмани од ДПА и независната пратеничка Љубица Буралиева.

На семинарот ќе се разговара за последните случаи на парламентарни конфронтации во регионот и ќе биде прв институционален обид за контакт помеѓу двете „завојувани“ страни во Македонија.

Во најавата за настанот, европратениците потсетуваат дека нивото на политичка култура на дијалог во регионот е ниско. Парламентите во регионот имаат „многу малку автономија во однос на извршната власт и недостигот од соработка помеѓу власта и опозицијата базирана на политики, начесто води до целосен бојкот на опозициските партии“.

На семинарот насловен „Развој на политичка култура и зајакнување на политичкиот дијалог за одржлива демократија“ во Брисел, ќе учествуваат и известувачот за Македонија во ЕП, Иво Вајгл (Словенија, либерали), Алојз Петерле (Словенија, демохристијани), Едвард Кукан (Словачка, демохристијани), Кнут Флекенштајн (Германија, социјалисти).