Прашањето на вклученоста на жените во процесите на одлучување, во мирот и безбедноста, не е само проблем на жените од Западен Балкан, но Западен Балкан има примери, зошто вклученоста на жените во процесите на одлучување гарантира успех. Ова го изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на панелот за унапредување на Агендата „Жени, мир и безбедност“ во Западен Балкан, во рамки на Преспа форум дијалогот.
Таа зборуваше за улогата на жените политичарки во составувањето на Охридскиот договор, кој доведе до крај на конфликтот во 2001 година и воспоставување на хармонично мултинационално општество, за сработувањето на кандидатскиот статус за ЕУ во 2005 година и за трансформацијата и реформите во Армијата која стана и Армија на НАТО.
„Бев избрана за министерка за одбрана во 2017 година и тоа за многу нешта беше „прв пат“. Бев свесна дека ќе се појави негодување и скептицизам. Станува збор за професија во која доминираат мажите… знаев дека мора да се соочам со тој скептицизам и знаев дека ние како тим мора да работиме десет пати повеќе за да ја постигнеме целта. Сега, дури и оние т.н. „мачо-мажи“, не само во војската, туку и во општеството, мора да признаат дека жена во Министерството за одбрана ја понесе земјата кон НАТО и го помина прагот на Алијансата. Жена успеа после подолг период да го зголеми одбранбениот буџет, да ги зголеми платите, да ја подобри транспарентноста, да ги зголеми пензиите, да го подобри квалитетот на работа и живот во Армијата, истовремено не занемарувајќи го прашањето на родовата рамноправност, во ниту еден момент“, рече Шекеринска.
Додаде дека еднаквите можности за мажите и жените се меѓу главните приоритети за Армијата на Северна Македонија и дека жените во Армијата се околу 10 отсто, како и во многу други европски и земји членки на НАТО. Во Министерството за одбрана бројот на жени е во пораст и изнесува близу 58 отсто, а бројот на жените на раководни позиции се зголемува. Повеќе од половината вработени на раководни позиции се жени, процентот на жени во меѓународните операции се зголеми од 4 на 9 проценти, се триплираше бројот на жени – полковнички, а за прв пат на позицијата аѓутант на претседателот е поставена жена.
Во своето излагање Шекеринска предупреди на насилството на социјалните мрежи што станува нова препрека за жените, особено за оние кои се малку похрабри. „Он-лајн насилството и сајбер заплашувањето на жените станува сила која може да ги уништи сите наши достигнувања ако сериозно не се соочиме со проблемот. Бројките покажуваат дека 41 процент од жените се соочиле со сајбер заплашување и се плашеле за нивната лична безбедност, 24 проценти се плашеле за безбедноста на нивните семејства, а жените 27 пати повеќе од мажите можат да се жртви на он-лајн насилство“, рече министерката.
Панелот го отвори заменик министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки, а со свои излагања, меѓу другите, се обратија и Мирослав Јенча, помошник на генералниот секретар на ОН за политички прашања, Гордана Чомиќ, министерка за човекови права и социјален дијалог на Србија, Олта Џачка, министерка за надворешни работи на Албанија и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.