Македонија Шеесетина граѓански организации доставија писмена реакција до меѓународната заедница

Шеесетина граѓански организации доставија писмена реакција до меѓународната заедница

По повод утрешните преговори во Брисел и последната изјава на комесарот Јоханес Хан, 61 граѓанска организација доставија писмена реакција до меѓународната заедница, во која потстуваат на црвените линии до кои може да се оди во преговорите.

– Во писмото се навраќаме и на последната изјава на комесарот Јоханес Хан, која ја сметаме за непринципиелна и неиздржана со оглед на тоа дека тој даде квалификација за последните парламентарни избори во 2014 година дека биле одржани во демократска атмосфера. Сакаме да потсетиме дека извештаите на ОБСЕ и на ОДИХР нотираа низа забелешки за изборниот процес, почнувајќи од селективниот пристап на медиумите, прогон на неисомисленици и неподеленоста помеѓу државата и партијата. Во писмото потсетуваме дека нашиот став е Груевски да даде оставка и да не биде дел од преодната влада, а пред почнувањето на функционирањето на таа влада, треба да бидат извршени некои структурни реформи, односно да биде избран независен јавен обивинител, МРТ да биде ослободена од канџите на власта и да биде прочистен избирачкиот список – вели Уранија Пировска, претседателка на Хелсиншки комитет.

Во писмото се вели дека ЕУ има посебна одговорност во спроведувањето на европските вредности, како што се демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права и дека ЕУ и САД имаат одговорност за мирот и за стабилноста на Македонија.

– Вчера 10 граѓански организации се соочија со својата вистина и добија докази дека биле прислушувани и дека власта го знаела секој нивни чекор. Власт која ги прислушува своите граѓани и цивилниот сектор, кој е критички настроен, и која своите граѓани ги нарекува „индијанци“ и „човечиња“, мора да си замине – вели Марјан Забрчанец од платформата за граѓанска политика „Ајде“.

Од утрешните преговори, граѓанските организации очекуваат да се гарантира процес што ќе ја обезбеди стабилноста и демократичноста на Македонија, а не процес што ќе помогне за развој на нечија политичка кариера.