Македонија Шчербак: Одлука наметната однадвор не може да обезбеди стабилна држава

Шчербак: Одлука наметната однадвор не може да обезбеди стабилна држава

„Само одлуката на граѓаните на Македонија може да придонесе за долгорочно решение на кризата и никаква одлука наметната однадвор не може да обезбеди стабилна држава. Затоа треба самите да решаваат за себе“, изјави денеска амбасадорот на Русија во Македонија, Олег Шчербак, одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Денот на руската дипломатија во Битола.

Тој истакна дека клучен принцип на меѓународното право е немешањето во внатрешните работи на други држави и дека руската дипломатија својата надворешна политика ја темели токму на тој принцип.

– Без строго почитување на тој принцип, во современиот свет не е можно да се почитуваат другите принципи, а тоа се принципот на сувереноста и на независноста на други држави. Русија е една од првите што ја признаа Република Македонија под уставното име, ја смета за суверена и независна држава и е против други држави што го прекршуваат овој темелен принцип на меѓународното право – рече амбасадорот на Руската Федерација во Македонија.