Дописници Шапуриќ: Загадувањето на воздухот во Битола е спротивно на концептот за одржлив...

Шапуриќ: Загадувањето на воздухот во Битола е спротивно на концептот за одржлив развој

Државата мора да вложи во РЕК Битола според сите европски еколошки стандарди, бидејќи загадувањето на воздухот во битолско-пелагонискиот регион е спротивно на концептот за одржлив развој.

Ова е ставот на Либерално-демократскaта партија (ЛДП) за големото загадување на амбиенталниот воздух во Битола и за последиците по здравјето на граѓаните.

На трибината на ЛДП, поранешниот министер за животна средина, Зоран Шапуриќ, рече дека државата наместо да вложува во непродуктивни инвестиции преку ЕЛЕМ и МЕПСО, парите треба да ги насочи во намалување на проблемите со аерозагадувањето во Битола и да вложи во комбинатот, бидејќи од неговата работа зависи егзистенцијата на битолчани.

– Далеку е од умот дека ние, како ЛДП, сакаме да го затвориме РЕК Битола, но мора час поскоро да се вложи во постројките и во имплементирањето на европските еколошки стандарди. Ситната прашина и сите опасни материи што се присутни поради загадениот воздух сериозно го загрозуваат здравјето на битолчани – рече Шапуриќ.

Тој обвини дека власта цела една деценија не презела ништо за намалување на загадувањето и на Националниот парк Пелистер, туку, напротив, ги стопирала сите проекти што Швајцарската агенција за соработка и развој ги поддржала за Пелистер, со што најстариот национален парк остана и без прочистителна станица.

А.Д.