Македонија Серија земјотреси синоќа го потресоа Охридско

Серија земјотреси синоќа го потресоа Охридско

Десетина земјотреси во текот на ноќта и утринава го погодија охридското тло, каде неколку потреси со интензитет од 2,7 до 3,4 степени според Рихтеровата скала се регистрирани по полноќ во регионот.

Последниот земјотрес беше пред еден час, со јачина од 3,7 степени, со епицентар пет километри од Косел и на длабочина од два километри.

Општинските власти, претставници на Институтот за земјотресно инжинерство од Скопје (ИЗИС) и на Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет во Скопје синоќа одржаа координативен состанок. Целта на состанокот е договарање мерки за смирување на вознемиреноста на охриѓани.

Од 18 јуни до денеска во охридското подрачје се регистрирани повеќе од 1.000 потреси, од кои најсилниот беше вчера, со магнитуда од 5 степени по Рихтеровата скала.

Како причина за земјотресите во Охридскиот Регион се посочени тектонските движења на земјените плочи долги околу 20 километри во раседот помеѓу Охрид и Ресен.

Земјотресите ги вознемирија жителите и туристите и предизикаа оштетувања на постарите објекти.