Македонија Секоја година ќе се проверува имотот на членовите на Антикорупциската комисија

Секоја година ќе се проверува имотот на членовите на Антикорупциската комисија

Со новиот закон за изменување на Законот за спречување на корупцијата, кој од денеска е на јавна расправа, ќе се зајакне Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и поефикасна борба против корупцијата, соопшти министерката за правда Рената Дескоска, презентирајќи ги предложените измени.

Се предвидува во иднина и нотарите и извршителите да поднесуваат Анкетен лист до Антикорупциска и до Управата за јавни приходи и изјава за откажување од банкарска тајна.

Антикорупциска ќе биде составена од претседател и четири члена, а при нивниот избор ќе се врши интервју што ќе се пренесува на Собранискиот канал, во кое ќе учествуваат и претставници на граѓански и новинарски организации. Исто така, еднаш годишно ќе се врши контрола на имотната состојба на претседателот и членовите на комисијата.

Предлог-законот предвидува ДКСК да ја утврдува законитоста на финансирањето на политичките партии, а во случај на сомневање, по своја иницијатива да презема активности. Дополнително, ќе мора да донесува национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и акционен план и ќе треба да прави анализи за ризици.