Македонија Седници на седум собраниски комисии

Седници на седум собраниски комисии

Во Собранието на Република Македонија, денеска седници ќе одржат комисиите за одбрана и безбедност, за економски прашања, за еднакви можности на жените и на мажите, за транспорт, врски и екологија, Законодавно-правната комисија, за прашања на изборите и именувањата и за надворешна политика.

Предлог-законите за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, на Законот за полиција, на Законот за внатрешни работи и на Законот за внатрешни работи, сите во прво читање, се на дневниот ред на седницата на Комисијата за одбрана и безбедност.

Комисијата за економски прашања ќе расправа по предлог-законите за дополнување на Законот за техничката инспекција, на Законот за Државен пазарен инспекторат и на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, сите во второ читање.

Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, во прво читање, е единствената точка на седницата на Комисијата за еднакви можности на жените и на мажите.
Членовите на Комисијата за транспорт, врски и екологија на денешната седница ќе дискутираат за повеќе предлог-закони за изменување и дополнување, меѓу кои на Законот за животната средина, на Законот за градење, на Законот за комуналните дејности, како и на Законот за просторно и урбанистичко планирање и на Законот за електронските комуникации.

На агендата на Законодавно-правната комисија се повеќе точки, меѓу кои предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, на Законот за јавните патишта, на Законот за комуналните дејности, како и на Законот за внатрешни работи, на Законот за извршување на санкциите и на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство.

На седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, ќе се разгледуваат предлог-одлуките за разрешување и за именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“ и за член на Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“.

На седницата на Комисијата за надворешна политика, ќе се расправа по предлог-законот за ратификација на меморандумот за разбирање за институционалната рамка на Иницијативата за превенција и подготвеност во случај на катастрофи на Југоисточна Европа.

Пред членовите на комисијата, отчетно обраќање ќе има и амбасадорот Сашко Стефков, за вршењето на должноста шеф на Канцеларијата за врски на Република Македонија во Атина.