Дописници Се преуредува Куќата на Робевци во Охрид

Се преуредува Куќата на Робевци во Охрид

Националната установа Завод за заштита на спомениците и музеј – Охрид работи паралелно на три значајни проекти: конзервација на фасади на неколку објекти во Охрид и во Струга, заштита и конзервација на фрескоживописот од црквата „Свети Ѓорѓи“ во Струга, а во завршна фаза е и проектот за адаптација на галеријата во Куќата на Робевци во Охрид.

– Продолжува постапката за валоризација и за ревалоризација на движно и на недвижно културно наследство. Се работи на конзервација на дрвени предмети од историското депо, накит и лични предмети од етнолошката збирка, како и на елаборат за валоризација на археолошки предмети од праисторијата – објаснува директорката на установата, Тања Паскали-Бунташеска.

Заедно со галерискиот простор во Куќата на Робевци, овој објект непосредно пред почетокот на летната сезона ќе биде отворен за туристи, а ќе биде повторно овозможено организирањето на традиционалните изложби.

– Ќе се заврши комплетно со осовременувањето, односно замената, на старите изложбени витрини со нови, но и со градежните интервенции во внатрешноста на овој објект. Музејот со овие зафати ќе добие три целосни комплексни поставки, и тоа етнолошка, археолошка и уметничка, во кои ќе биде изложено вредно културно наследство – додава Паскали-Бунташеска.

Таа уверува дека до крајот на 2018 година комплетно ќе заврши возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник.