Македонија СДСМ за акцијата во Струмица: Баџанакот на Мијалков спроведува нарачки на Груевски

СДСМ за акцијата во Струмица: Баџанакот на Мијалков спроведува нарачки на Груевски

Oд опозицискиот СДСМ денеска преку соопштение реагираа на акцијата на Основно јавно обвинителство и на МВР во која се запленети компјутери од Општина Струмица. Од СДСМ велат дека Никола Груевски е уплашен и дека следува одговорност за изборниот грабеж што го правеле тој и неговите најблиски соработници.

„Акциите што денеска се спроведуваат во Струмица, на барање на партиските структури на Никола Груевски во Основното јавно обвинителство, се предводени од баџанакот на Сашо Мијалков, Јован Илиевски. Никола Груевски, творецот и реализаторот на изборните грабежи во Македонија, неуспешно се обидува да избега од изборниот криминал што го правел заедно со неговите соработници. Извршените претреси во Струмица, во кабинетот на градоначалникот, воедно и претседател на СДСМ, Зоран Заев, се уште еден неуспешен обид за притисок. Ниту еден притисок креиран и спроведен од партиските структури во Основното јавно обвинителството под контрола на Јован Илиевски нема да успее. Борбата против криминалот на Никола Груевски и на неговите соработници почна и ништо не може да ја спречи“, реагираат од СДСМ.

Во соопштението на партијата пишува дека нема да успеат сценаријата, со партиски нарачки да се тргне вниманието на јавноста од криминалот на Никола Груевски, изборниот грабеж и од срамните одлуки на Уставниот суд кои треба да се пласираат преку режимските медиуми.