Македонија СДСМ: Целата јавност слушаше како Груевски се пресметуваше со неистомислениците

СДСМ: Целата јавност слушаше како Груевски се пресметуваше со неистомислениците

Несериозно е Никола Груевски, човекот кој целата јавност го слушаше како нарачува насилство и одмазнички се пресметува со неистомислениците, сега да зборува за поттикнување насилства, реагираат од СДСМ на интервјуто на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во кое тој ги обвини дека со нивното дејствување и однесување го поттикнале вчерашниот напад врз поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.

„СДСМ остро го осудува вооружениот напад врз Никола Тодоров и бара целосно расветлување на случајот и соодветно казнување на извршителот на нападот. Правдата мора да се спроведува единствено низ судските органи и никако поинаку. Создавање на независно, неселективно и непартиско судство е врвен реформски приоритет на новата влада предводена од СДСМ. Секој за кого ќе се докаже дека извршил какво било незаконско дело ќе понесе одговорност пред професионало и независно судство. Тоа ќе важи за сите, вклучително и за Груевски и за неговите соработници“, стои во реакцијата.

Во соопштението се наведува дека новата влада, покрај реформите во судството, посветено и транспарентно ќе продолжи со спроведување на владината програма која ќе донесе напредок, правда, еднаквост и живот за сите во Македонија.

„Паралелно со реформите во општеството, ги повикуваме чесните пратеници, членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ да почнат внатрепартиски реформи и да се дистанцираат од ретроградната и антидржавничка реторика на Груевски и на неговите соработници и да се вградат во процесите што ќе донесат реформи и добро на сите, а Македонија повторно ќе ја вратат на евроатлантскиот курс“, стои во реакцијата.