Македонија СДСМ: Состојбите се влошија по криминалните избори на Груевски

СДСМ: Состојбите се влошија по криминалните избори на Груевски

Најновиот извештај на организацијата за човекови права „Фридом хаус“ потврдува дека во Македонија вознемирувачки се намалуваат слободите, реагира опозицискиот СДСМ.

– Извештајот го констатираше она што сите граѓани во Македонија го чувствуваат и го живеат секој ден. Затворски казни против новинар, ограничување на уставно загарантираното право на штрајк, партизирано судство, сомнителни и нетранспарентни судски постапки, злоупотреба на притворот во политички цели, постојано институционално погазување на основните човекови права и слободи. Дополнително, во извештајот се констатира пад и во политичките слободи, поради сериозни недостатоци на изборите во април минатата година- наведено е во соопштението на СДСМ.

Според партијата, евидентно е дека криминалните избори што ги спровела власта на Груевски нанесуваат дополнителна штета и на меѓународниот углед на државата.

– Оценета како „делумно слободна“ земја, Македонија, заедно со БИХ и со Украина, е меѓу единствените три земји во Европа со ваква оцена. Сите земји од нашето соседство имаат подобри оцени, со што Македонија е во групата со Мозамбик, Колумбија, Нигер, Папуа, Нова Гвинеја. Работите во Македонија мора да се променат. Заминувањето на оваа власт е единствена гаранција за враќање на слободата и на правдата во Република Македонија – реагираат од СДСМ.