Македонија СДСМ со тужба до Управен суд за одлуката на стариот состав на...

СДСМ со тужба до Управен суд за одлуката на стариот состав на ДИК

СДСМ, преку дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов, ќе поднесе тужба до Управниот суд на РМ.

Со тужбата, како што стои во соопштението од партијата, се бара поништување на одлуката на Државната изборна комисија со која е одлучено дека „емисијата на државни хартии од вредност и државни записи од Министерството за финансии на домашен пазар не претставува акт или документ кој се однесува на правни, финансиски и на кадровски прашања поврзани со организација на изборите“ и поради тоа не подлежи на согласност, односно одобрување од дополнителниот заменик-министер.

„Тужбата ја поднесуваме поради ненадлежност на актуелниот состав на ДИК, чиј мандат е истечен на 8 ноември 2015 година. Исто така, тужбата ја поднесуваме и поради тоа што самата одлука е целосно незаконски формулирана. Имено, во согласност со Законот за јавен долг, член 18, задолжувањата со државни хартии од вредност се вршат како на домашен, така и на меѓународен пазар на капитал. Во согласност со истиот закон, задолжувањето се врши со емисија на краткорочни и на долгорочни хартии од вредност. Во самата одлука, ДИК третира и државни записи, кои во Законот за јавен долг, во делот на задолжување со издавање државни хартии од вредност никаде не се споменуваат“, стои во соопштението и се наведува дека СДСМ ќе ги искористи сите механизми за да спречи изборна корупција и злоупотреба на парите на граѓаните.