Македонија СДСМ одржа трибина со иселениците во Швајцарија

СДСМ одржа трибина со иселениците во Швајцарија

Делегација на СДСМ, предводена од претседателот Зоран Заев, синоќа одржа трибина во швајцарскиот град Локарно со претставниците на македонската дијаспора.

– Вклучете се, заедно да ѝ помогнеме на Македонија – повика Заев на трибината насловен „Иднината на Македонија“.

Како што се наведува во соопштението од партијата, иселениците дале поддршка на отворените политики на претседателот Заев и на раководството на СДСМ и порачале партијата да продолжи со чекорите што водат кон перспективи на земјата и за народот. Иселениците, како што велат од СДСМ, изразиле интерес за актуелните состојби во земјава и за политичките случувања, за коишто слушаат загриженост и од меѓународната заедница.

– СДСМ е пред еден од најсериозните предизвици досега, прво да ја врати слободната волја на граѓаните и демократијата, а потоа и да ги реши внатрешните и надворешните проблеми на граѓаните и на државата. На тој пат сме тргнати цврсто и решително и нема да попуштиме додека не го вратиме достоинството на граѓаните и на Република Македонија. Затоа ни се потребни партнерства и подаваме рака кон сите што ѝ мислат добро на државата, заедно да ги направиме промените во Македонија – рече Заев.

Лидерот на СДСМ ги појасни петте теми преку кои партијата предлага да се надмине политичката криза и истакна дела СДСМ е државотворна партија која помогнала на државата во клучни моменти и дека никогаш нема да дозволи да биде загрозен македонскиот национален идентитет.

Заев, како што стои во соопштението, во рамки на тридневната посета на Швајцарија, оствари средба и со претседателот на Социјалистичката партија на кантонот Тичино, Мануел Бертоли.