Македонија СДСМ: Носењето на законските измени среде ноќ е доказ за неискрените намери...

СДСМ: Носењето на законските измени среде ноќ е доказ за неискрените намери на власта

Воведувањето т.н. државен испит и спорните измени на Законот за високо образование, без да се земат предвид ставовите на студентите, академската заедница и на широката општествена јавност е класично насилство на власта на Никола Груевски, оцени СДСМ во реакцијата во врска со изгласувањето на пакетот закони за основното и за високото образование од Собраниската комисијата за образование, наука и за спорт.

„Носењето на законските измени среде ноќ, во недемократска процедура, покажува колку се неискрени намерите на власта на Груевски, која поради суетата на премиерот, ги доведува во прашање правата на студентите и на професорите. Предупредувавме дека отворањето факултети и во шупи низ Македонија е штетно, дека отворањето универзитети каде што ќе се стигне е ризично за квалитетот на образовниот процес – власта и тогаш насила ја спроведе својата намера“, стои во соопштението.

Според СДСМ, најновите потези на Владата водат кон нов хаос што најдиректно ги тресе темелите на високо-образованиот систем.

„Со законските измени, власта го загрозува уставно загарантираното право на студирање и прави упад во автономијата на универзитетите“, смета СДСМ.