Македонија СДСМ: Македонија е во подредена улога во односите со соседите

СДСМ: Македонија е во подредена улога во односите со соседите

Комисијата за надворешни работи на СДСМ е огорчена од несериозното и непрофесионално однесување на Министерството за надворешни работи, кога се работи за настани за кои граѓаните и медиумите на Република Македонија добиваат информации од странски функционери и медиуми, а се од суверен интерес за нашата држава.

„Во врска со преговорите за билатералниот договор за пријателство со Бугарија, информации доаѓаат само од бугарска страна. Според едната информација, од 2 февруари, во преговорите нема никаков напредок. Додека на 12 февруари бугарската страна истакнува дека е определен датум за преговори. Вчудоневидува дека Министерството за надворешни работи на Република Македонија за оваа значајна национална и државна тема не дава никакви информации. Особено поради инсистирањето на бугарската страна „дека Декларацијата од 1999 година и нејзиниот дух и содржина треба да се прелеат во соодветен договор, кој ќе се подготви“. Комисијата на СДСМ, без можност да ги провери овие наводи за тоа дали Македонија прифаќа „духот и содржината“ да се прелеат во договор, смета дека некои елементи треба да се допреговараат за Македонија и Бугарија во него да добијат рамноправен статус како два меѓународни субјекта“, се наведува во соопштението од СДСМ.

Според комисијата на СДСМ, речиси идентична е ситуацијата со индолентноста и неангажираноста на македонската дипломатија во актуелните настани околу сукцесијата на имотот на поранешната Федерација, кога нашиот северен сосед информира дека продава огромни количества оружје и опрема на поранешната ЈНА, имот кој во согласност со Меѓудржавниот договор од јуни 2001 година треба да се подели меѓу државите-наследнички, според утврдените критериуми.

Од партијата изразија надеж дека на најавената заедничка седница на владите на Македонија и на Србија, оваа и други теми ќе бидат достојно третирани бидејќи се од директен интерес на Македонија.

„Овие примери, само докажуваат дека актуелно, во билатералните односи со соседите, Република Македонија е во подредена улога и дека надлежните владини органи не се дораснати за одбрана на државните интереси“, стои во соопштението.