Македонија СДСМ е за дијаспората да гласа, но секој глас мора еднакво да...

СДСМ е за дијаспората да гласа, но секој глас мора еднакво да вреди

Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, денеска се сретна со Александар Митрески, коосновач и заменик-претседател на Обединета македонска дијаспора, информираат од СДСМ.

Тема на разговорот била актуелната ситуација во Македонија и начинот на кој македонската дијаспора може да ги помогне реформите неопходни за враќање на демократијата и на економскиот пораст.

– Македонија има огромен човечки капитал надвор од своите граници. Ни треба подобра и почеста комуникација што ќе овозможи да го искористиме знаењето, искуството и контактите на нашите граѓани што живеат надвор од татковината. Ова се моменти кога сите сме ѝ потребни на Македонија – изјавила Шекеринска.

На средбата се разговарало и за прашањето околу гласањето на дијаспората. Од СДСМ соопштуваат дека на оваа тема сè уште не е отворена суштинска дебата во работната група формирана во согласност со договорот од 2 јуни, односно од 15 јули.

– Ставот на СДСМ е да се задржи гласањето на дијаспората, но да се почитуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, според кои, секој глас мора еднакво да вреди, без разлика дали е даден во или надвор од Македонија – вели Шекеринска.