Македонија Санација на бедемот на летната сцена Долни сарај во Охрид

Санација на бедемот на летната сцена Долни сарај во Охрид

Со средства од Министерството за култура, во Охрид во тек е завршната втора фаза од реализацијата на проектот за конзервација и за санација на оштетениот јужен бедем на летната сцена Долни сарај.

Поради староста на малтерот на ѕидините кои се надвиснати над Охридско Езеро, во изминатиот период честопати доаѓаше до одрони, што претставуваше голема опасност за минувачите што се движат по фреквентната патека што го спојува градот со населбата Канео.

За заштита на овој простор од натамошно пропаѓање, стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид во изминатиот период интензивно работеа на конзервацијата и на санацијата, која се одвива во две фази.

Во рамките на втората фаза се работи на целосна санација на скалите и на фугирање на внатрешниот скалишен простор кој ја поврзува сцената Долни сарај со езерскиот брег, а скалите ќе бидат и целосно осветлени.

Претходно, во текот на првата фаза, извршена е реконструкција на оштетените делови од јужниот бедеми, обновени се дотраените дрвени појаси, а беше направен и мост кој го поврзува брегот со привремената пешачка патека кон населбата Канео.

Овој историски локалитет, за време на Отоманската Империја претставувал летен сарај на султанот, додека бедемите околу него датираат од постар период. Денес тој е летна сцена на која се одржуваат фестивали, концерти и други настаниод културата.