Дописници САД и Македонија разменија искуства за дејствување на вооружените сили во случај...

САД и Македонија разменија искуства за дејствување на вооружените сили во случај на криза

На форумот „Правни аспекти на поддршката на цивилни институции и организации од страна на одбраната – вооружените сили“, кој денеска се одржа во Охрид, САД и Македонија разменија искуства за дејствување на вооружените сили во случај на криза.

– Размената на искуства со САД и со другите држави е многу значајна за Македонија. По сите кризни ситуации, се прават анализи како сме реагирале за во иднина подобро да реагираме. Така и овде, имаме неколку студии на случај, на пример, како американските институции реагирале кога беше големата непогода со невремето на ураганот Катрина во Луизијана, исто така и во Њу Џерси, во Вермонт. Паметиме дека во Вермонт имаше големи поплави, во кои, за жал, првата жртва беше девојка од Македонија – рече министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски.

Јолевски додаде дека сите државни институции биле на терен перманентно уште од самиот момент на настанување на кризата, кога се случија поплавите пред повеќе од еден месец во Скопје и во Тетовско.

На форумот организиран од Министерството за одбрана и од Амбасадата на САД во Република Македонија, се дискутираше за главните аспекти од употребата на армијата во услови на поддршка на цивилните структури во државата.