Македонија Руските хакери биле во мрежата на телеком операторот Кијивстар неколку месеци пред...

Руските хакери биле во мрежата на телеком операторот Кијивстар неколку месеци пред да го нападнат

Нападот најверојатно е дело на моќната руска воена разузнавачка хакерска единица позната како Сандворм

фото: Markus Spiske на Unsplash

Руските хакери кои го нападнаа најголемиот украински телекомуникациски провајдер Кијивстар минатиот месец и оневозможија околу 24 милиони луѓе да користат мобилни телефони и интернет ја пробиле мрежата на компанијата со месеци пред да го направат финалниот напад и да избришат речиси сè, изјави Илија Витиук, шеф на одделот за сајбер безбедност на Украина.

Тој потврдил за Ројтерс дека нападот најверојатно е дело на моќната руска воена разузнавачка хакерска единица позната како Сандворм и дека хакерите пристапиле до Кијивстар мрежата уште во мај минатата година, или можеби и порано.

Кијивстар, од своја страна, пак, не ги потврди информациите за должината на перидот во кој напаѓачите имале пристап до неговите мрежи.

„Официјалната истрага за сајбер нападот сè уште е во тек и се разгледуваат различни верзии, од кои ниту една сè уште не е конечна“, се вели во соопштението на компанијата, додавајќи дека не видела докази за какво било протекување на лични податоци.

Претходно, на 13 декември, компанијата со порака на социјалните мрежи ги информираше своите клиенти дека гласините за уништување на нивните сервери се лажни и дека податоците на претплатниците се безбедни.

Витиук, пак, информира дека Одделот за сајбер безбедност помогнал да се одбијат дополнителните напади против Кијивстар.

„Напаѓачите имаа намера да извршат уште неколку напади за да ги оневозможат услугите што е можно подолго. Во овој случај, другите оператори би настрадале од преоптоварување на нивните мрежи“, рече Витиук.