Македонија РСБПС донираше батериски ламби за сообраќајната полиција

РСБПС донираше батериски ламби за сообраќајната полиција

Републичкиот совет за безбедност во патниот сообраќај (РСБПС) донираше техничка опрема, односно 35 батериски ламби, во вредност од 300.000 денари (околу 5.000 евра, н.з.), за потребите на сообраќајната полиција, соопштија денеска од Советот.

Техничката опрема денеска ја промовираа дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Оливер Андонов, и претседателот на РСБПС, Стојче Стаменковски.

„Примената на современата техничка опрема во процесот на управување и на контрола на сообраќајот на патиштата значително ќе ја зголеми ефикасноста на работата на сообраќајната полиција и ќе го зголеми обемот и квалитетот на извршените контроли и проверки од страна на полицијата. Зајакнување на капацитетите на сообраќајната полиција е стратешка цел на МВР, но и еден од приоритети од втората национална стратегијата за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Оваа донација е мала, но доста значајна за МВР и за Бирото за јавна безбедноста“, истакнал Андонов, стои во соопштението на РСБПС.

Претседателот на Советот, Стаменковски, по повод промоцијата на донацијата, нагласи дека РСБПС има одлична соработка со сите надлежни институции, а особено со Министерството за внатрешни работи.

„Во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, РСБСП има обврска дел од своите средства да ги намени за модернизација на опремата за сообраќајната полиција. Во таа насока, денес ви ги презентираме батериските ламби кои Министерството за внатрешни работи ценеше дека ќе им бидат потребни како техничка поддршка при контролата на сообраќајот и на учесниците во него“, истакнал Стаменковски.