Економија Рокот за поднесување барања за субвенции продолжен до 12 јуни

Рокот за поднесување барања за субвенции продолжен до 12 јуни

Рокот за поднесување на барањата за субвенции за мерките од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството 2018, наместо до 15 мај, ќе биде до 12 јуни годинава.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пролонгирањето на рокот е по барање на сточарите и ветеринарните друштва кои се изјасниле дека нема да имаат време до првичниот рок – 15 мај – да ја ажурираат бројната состојба на животните во регистарот на Агенцијата за храна и ветеринарство, што пак претставува услов за поднесување на барања за субвенции за говеда, овци и кози.

Исто така продолжување на рокот барале и производителите на лозови калеми, кои посочиле дека им е потребно дополнително време за да можат целосно да ја подготват потребната документација за мерката за субвенции за произведени и продадени лозови калеми.

Сепак, пролонгирањето на рокот за поднесување барања за субвенции ќе се однесува на сите субвенции за земјоделците, а не само за погоре споменатите категории.

Воедно, рокот за аплицирање за субвенции за литар продадено млеко во октомври, ноември и декември 2017 година, наместо до 16 мај, ќе се продолжи до 23 мај.

Барањата се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите. Доколку барателите имаат потреба за помош при создавање на електронското барање, може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На веб страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се објавени упатствата за корисниците, телефонските броеви и електронската адреса каде што ќе може да се поставуваат прашања во врска со поднесување на барањата.