Македонија Ристовски: Да не се искористуваат студентите

Ристовски: Да не се искористуваат студентите

Да не се доведуваат студентите во заблуда и никој да не ги искористува за други цели кои не се директно поврзани со високото образование, изјави денеска заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, кој присуствуваше на промовирањето на проектот за енергетска ефикасност во општина Кривогаштани.

– Како што најавивме изминатиов период, де факто, целокупната идеја во однос на воспоставување систем на државен испит беше во фаза на изработка на анализа. Во текот на следната недела, Владата ќе ги разгледа првичните предлог-законски решенија. По усвојувањето на нацрт-текстовите, нам, како ресорно министерство, ќе ни се даде зелено светло и ќе бидат проследени на широка јавна расправа во која очекуваме да се вклучат сите, покрај засегнати и заинтересирани страни, факултетите, студентите, студентските парламенти, сите граѓани кои би сакале да дискутираат за овие законски предлог-реформи што  ги планираме – рече Ристовски.