Свет Европа Резолуција на МААЕ: Нуклеарната централа Запорижја да биде вратена под контрола на...

Резолуција на МААЕ: Нуклеарната централа Запорижја да биде вратена под контрола на Украина

Во резолуцијата, Меѓународната агенција за атомска енергија ја повикува Руската Федерација веднаш да го повлече целиот воен и друг неовластен персонал од Запорижја и централата да биде вратена под целосна контрола на надлежните украински власти

Извор на фотографија: Укринформ

Нуклеарната централа Запорижја веднаш да се врати под целосна контрола на Украина, се вели во резолуцијата одобрена на 67-та Генерална конференција на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Информацијата ја пренесе украинската новинска агенција Укринформ, по објавата на Министерството за енергетика на Украина.

„На 67-та Меѓународна конференција на МААЕ, 69 земји ја поддржаа резолуцијата за нуклеарна безбедност во Украина. Резолуцијата беше предложена од Канада, Финска и Костарика. Меѓу другото, ја повикува Руската Федерација веднаш да го повлече целиот воен и друг неовластен персонал од Запорижја и централата да биде вратена под целосна контрола на надлежните украински власти во согласност со постоечката лиценца издадена од Државниот нуклеарен регулаторен инспекторат на Украина“, се вели во соопштението на украинското министерство.

Во документот, МААЕ изразува загриженост дека Русија не ги послушала претходните повици на Одборот на гувернери веднаш да ги прекине сите дејства во нуклеарните постројки во Украина и да го повлече својот воен и друг персонал од нуклеарната централа Запорижја.

Документот ја нагласува важноста на нуклеарната и физичката безбедност при мирна употреба на нуклеарни постројки и материјали под какви било околности, вклучително и за време на вооружен конфликт.

Во меѓувреме, продолжуваат нападите во и надвор од украинските граници. „Гардијан“ пренесе дека украински дрон фрлил експлозив врз трафостаница во руско село блиску до границата, прекинувајќи го снабдувањето со електрична енергија на болницата. Извештајот е базиран на изјава на регионалниот руски гувернер на Курск, Роман Старовојт.

Украинскиот град Миколаив, пак, утрово околу 4 часот бил погоден од ракета, а ударот се случил врз инфраструктурен објект на периферијата на градот.