Македонија Реакции: Поздрави, честитки и пофалби за договорот

Реакции: Поздрави, честитки и пофалби за договорот

Европската комисија и тројцата европратеници, Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл, со заедничка изјава го поздравија договорот и порачаа дека „одблиску ќе ја следат имплементацијата во наредните месеци“.

Во септември ќе се одржи нов дијалог на високо ниво (ХЛАД), платформа воспоставена од претходниот комесар за проширување, Штефан Филе, и во него ќе учествуваат потписниците на договорот и граѓанското општество, информираа Кукан, Вајгл и Ховит.

Договорот го поздрави и словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, кој е еден од најактивните министри на ЕУ на Балканот и добар познавач на регионот, како поранешен европски претставник на Косово.

Тој на „Твитер“ напиша: „Денешниот договор значи свежа надеж, добредојден и потребен поттик за Македонија. Сите страни и ЕУ-посредниците заслужуваат пофалби за нивната заложба.“

Честитки пристигнаа и од поранешниот министер за надворешни работи на Шведска, Карл Билт, кој твитна дека договорот „би требало да ја олесни интеграцијата на Македонија“.

Наредната недела ќе се одржи совет за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Македонија и нов состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, на кој, исто така, се очекува да се поздрави постигнатиот договор.