Хроника Разбиена криминална група што тргувала со дрога и шверцувала мигранти

Разбиена криминална група што тргувала со дрога и шверцувала мигранти

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска во координирана акција со Министерството за внатрешни работи разбило шестчлена криминална група чии членови се товарат за трговија со дрога и за шверц на мигранти.

Акцијата, како што соопшти обвинителството, била спроведена денеска во Скопје, Велес и во Тетово.

Според обвинителството, криминалната група од април до септември оваа година организирала купување и пренесување на 146 килограми марихуана, како и шверц на мигранти од македонско-грчката граница кон Србија.

Шестмината осомничени се товарат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, криумчарење мигранти и за организирање група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти.

„Против сите шест лица надлежниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка и до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 поднесе предлог за определување притвор“, стои во соопштението од ОЈО за организиран криминал и корупција.