Македонија Ратификуван Договорот од Париз за намалување на климатските промени

Ратификуван Договорот од Париз за намалување на климатските промени

Собранието денеска на 12. седница, без поголема дебата и пријавени за збор, ги ратификуваше Спогодбата за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина и Договорот од Париз за глобалните напори за намалување на климатски промени.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, рече дека процесот на пристапување во Европската Унија се темели на стратешкиот интерес што го имаат БИХ и Македонија за членство во ЕУ.

Овој договор, според него, ќе значи соработка во политичкиот дијалог, економска и трговска соработка, како и соработка во правосудството.

Без пријавени за збор за дискусија по оваа точка, пратениците го ратификуваа Договорот со 62 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“.

За Договорот од Париз единствена за збор се јави пратеничката од ДОМ, Љиљана Поповска, која рече дека претставниците на нејзината партија лобирале кај владата за што поскора ратификација.

– Договорот е важен затоа што државата со оваа ратификација декларира дека ќе се откажува од фосилни горива, а ќе преминува на обновливи енергии. Со тоа ќе имаме дополнителна заштеда на енергија, заштеди на државата и заштита на животната средина – рече Поповска.

И овој договор беше ратификуван со 62 гласа „за“.