Главна секција Ратификацијата на Договорот со Бугарија и законите за ОТА на собраниската, набиена...

Ратификацијата на Договорот со Бугарија и законите за ОТА на собраниската, набиена агенда

Собранието денеска на пленарна седница ќе го разгледува предлог-законот за ратификација на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија кој го потпишаа премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов на 1 август минатата година во Скопје.

Пред седницата, амбасадорот на Бугарија во земјава, Иван Великов Петков пред Комисијата за европски прашања ќе ја презентира програмата и приоритетите за работа на бугарското претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јануари – јуни 2018 година.

На истата седница, точки на дневен ред се и законот за новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и новиот Законот за следење на комуникациите, во прво читање, кои се дел од реформите во безбедносните служби и системот за прислушување, што произлегоа од извештаите на експертскиот тим на Европската комисија предводен од Рајнхард Прибе.

Пратениците на денешната седница, чиј почеток се закажан во 11 часот, ќе расправаат и за измените на Законот за судовите, Законот за извршување на санкциите, Законот за јавнообвинителска служба, Законот за кривичната постапка, Законот за јавното обвинителство, Законот за полиција, Законот за внатрешни работи и Законот за извршување на санкциите Со измените на овие закони треба да се зајакнат контролните механизми врз работата на полицијата, односно предвидуваат формирање на посебни одделенија во Обвинителството и во судот за истражување и гонење на кривични дела сторени од полициски службеници и припадници на затворската полиција.

Инаку, дневниот ред на оваа седница, како што соопштија собраниските служби, е дополнет со 15 нови точки, меѓу кои и законот за амнестија, изманите на законите за управната инспекција, за инспекциски надзор, измените на законот за електронски комуникации, на законот за основање на Македонска академска истражувачка мрежа, како и изманите на законите за културата, за заштита на културното наследство, за филмската дејност и за предлог-законот за урбано зеленило. Сите предложени законски решение, со кои е дополнет дневниот ред на 30. седница се во второ читање.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, минатата недела изјави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на законодавниот дом се додека не престане, како што, „рече политичкиот прогон на власта кон неистомислениците“ и не бидат ослободени притворените за насилствата од 27 април.