Македонија „Пуч“ и „бомбите“ го приземјија Груевски

„Пуч“ и „бомбите“ го приземјија Груевски

По прес-конференцијата на премиерот Никола Груевски, која се одржа на 31 јануари 2015 година, кога и ја најави аферата „Пуч“, целото внимание на Владата, но и на нејзиниот прв човек, се насочи повеќе кон внатредржавните случувања.

На сметка на тоа, пак, почна да заостанува агендата од надворешната политика. Проретчија патувањата на Груевски, а се намалија и посетите на странски државници во земјава.

Македонскиот премиер од 31 јануари до денеска имал само една средба со премиер (Александар Вучиќ) и две средби со функционери на странски дражави (Србија, Хрватска), со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и со претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол.

Еве каде сè Груевски бил и кој сè му дошол:

  • 1 февруари 2015 година  По прес-конференцијата што го измени текот на политиките во Македонија, премиерот беше во посета на поплавените подрачја по дождот што ја зафати Македонија;
  • 9 февруари 2015 година – Се сретна со министерот за одбрана на Хрватска, Анте Котромановиќ;
  • 12 февруари 2015 година – Ја прими претседателката на Собранието на Република Србија, Маја Гојковиќ;
  • 16 февруари 2015 година – По заедничката владина седница на владите на Република Македонија и на Република Србија, се потпишаа договори, а заедничка прес-конференција имаа и премиерите Никола Груевски и Александар Вучиќ;
  • 11 март 2015 година – Средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во Брисел;
  • 18 март 2015 година – Со владина делегација ги преставуваше инвестициските можности на Македонија пред бизнисмените во Хаг, Холандија;
  • 19 март 2015 година – Во својство на лидер на партија, се сретна со првиот човек на најголемата Европска народна партија (ЕПП), Жозеф Дол, во Брисел, а присустуваше и на Самиот на Европски народни партии.

Се појавија најави дека Груевски на Самитот на ЕПП ќе има средба и со германската канцеларка и шефицата на сестринската ЦДУ, Ангела Меркел, но до таа средба не дојде.

Средбата помеѓу Груевски и Дол е последната билатерална средба на премиерот со висок функционер во странство. Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ одржа три народни собири, на кои говореше премиерот.

Дел од овие средби кои Груевски ги остварил по најавата на аферата „Пуч“ се поврзани и со таа проблематика, како, на пример, краткиот состанок со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и со претседателот на ЕПП, Жозеф Дол. Оттаму, македонскиот премиер од 31 јануари до денеска имал само една средба со премиер (Александар Вучиќ) и две средби со функционери на странски дражави (Србија, Хрватска).

Аферата „Пуч“ очигледно ја намали агендата на надворешната политика, а речиси цели два месеци сите случувања се поврзуваат со внатрешно-политичките настани.

За разлика од годинава, во истиот период лани, односно во февруари и во март, тој имал значително повеќе посети на странски држави, но и на странски државници на Македнија иако февруари и март минатата година беа резервирани за набиена предизборна агенда на владејачката партија и на премиерот. Од 1 март 2014 година, премиерот речиси секојдневно беше на отворање на нови градби и на промовирање проекти.

Сепак, и во така збиена предизборна агенда, тој имал речиси тројно повеќе посети отколку годинава, откако изби аферата „Пуч“ и опозицијата почна да ги објавува „бомбите“.

  •  11 февруари 2014 година – Средба Груевски – Макино, заменик-министер за надворешни работи на Јапонија во Скопје;
  • 11 февруари 2014 година – Средба со Дуња Мијатовиќ, претставнчка на ОБСЕ за медиуми;
  • 13 февруари 2014 година – Средба со Ричард Ховит, известувач за Македонија во Европскиот парламент;
  • 18 февруари 2014 година – Во работна посета на Австрија и на Германија. Се сретна со канцеларот на Австрија, Вернер Фајман;
  • 20 февруари 2014 година – Средба со заменик-претседателот на владата на Грција, Евангелос Венизелос;
  • 25 февруари 2014 година – Средба со британски парламентарци во Лондон;
  • 27 февруари 2014 година – На Бизнис-форум во Штутгарт;
  • 5 март 2014 година – Средба со кардиолози од Сиетл;
  • 6 март 2014 година – На ЕПП-конгрес во Даблин;
  • 14 март 2014 година – Средба со реномирани италијански кардиохирурзи;
  • 20 март 2014 година – Посета на елитната бриселска болница „Едит Кавел“;
  • 20 март 2014 година – Почеток на предизборната кампања за предвремените парламентарни избори.