Главна секција Првоосомничениот за убиството на ракометарот Тот се предаде на полицијата, спроведен е...

Првоосомничениот за убиството на ракометарот Тот се предаде на полицијата, спроведен е во притвор

Анџело Ѓорѓиевски, првоосомничен за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот | Фото: МВР

Анџело Ѓорѓиевски (28), првоосомничен за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот пред дискотеката „Привилиџ“, синоќа околу 1:20 часот ѝ се предал на полицијата на подрачјето на скопската населба Аеродром, информираат од МВР. Од таму велат дека презеле интензивни мерки и активности за негово пронаоѓање и приведување, по што следело неговото предавање.

„Ноќеска (13.04.2022) околу 02 часот е спроведен во КПУ Затвор Скопје за издржување на мерката притвор, одредена од надлежниот суд. Тој беше баран по потерница на ОЈО Скопје поради основано сомневање за сторено кривично дело „Убиство“ по чл. 123 од КЗ на РСМ“, се вели во соопштението на МВР.

Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје соопштија дека МВР утринава ги известиле за лишувањето од слобода на 28-годишното обвинето лице.

„Лицето се предало на органите на прогонот на територијата на Скопје. За осомничениот, по предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје веќе има донесено решение за определување мерка притвор во траење од 30 дена“, соопштуваат од ОЈО Скопје.​

Покрај првоосомниченото лице, во притвор поради убиството на хрватскиот ракометар се и другите двајца осомничени за убиството. Инаку, настанот се случи на 7 април утрината пред дискотеката „Привилиџ“ во Градскиот парк во Скопје. Убиството се случило по кратка вербална расправија, а самиот чин на убиство е снимен и документиран на безбедносните камери – Safe City и снимките од дискотеката.

Меѓународна потерница за Анџело Ѓорѓиевски, првоосомничен за убиството на Денис Тот