Свет Балкан Протест во бегалскиот камп на Хиос поради бавната процедура за азил

Протест во бегалскиот камп на Хиос поради бавната процедура за азил

Бегалците и мигрантите од бегалскиот камп на островот Хиос втор ден по ред протестираат и го блокираат влезот во кампот револтирани од бавното разгледување на барањата за азил. Ситуацијата пред кампот е тензична, бегалците од утрово не дозволуваат ниту полицијата, ниту вработените да влезат внатре.

Бегалците реагираат против бавната процедура за азил. Како што велат, од службата за азил разгледуваат само по пет барања за азил дневно, што значи дека огромен број од бегалците ќе останат заглавени во кампот уште многу долг период. Во кампот на Хиос, според владините бројки, има 4.174 бегалци, од кои најголем дел имаат поднесено барања за азил.

Протестот и реакциите почнаа вчера, кога бегалците го блокираа излезот и три часа не им дозволуваа на полицијата и на вработените во кампот и во службата за азил да влезат или да излезат од бегалскиот камп. Тричасовната блокада создала паника и тензија кај вработените во кампот, но протестот завршил без инциденти и проблеми, по преговори на специјалните припадници на полицијата со бегалците.

Вработените во службата за азил по вчерашните проблеми денеска не се појавија во кампот на работа.