Македонија Протест на Независниот синдикат за образование и наука против спојувањето предмети

Протест на Независниот синдикат за образование и наука против спојувањето предмети

Фото: Независен синдикат на образование и наука

Да не се спојуваат наставните предмети и да се почитуваат колективните договори побараа денеска од Независниот синдикат за образование и наука на протестот што се одржа во Скопје. Синдикалците побараа и достоинствено вреднување на трудот на просветните работници и зголемување на платите со ист коефициент како и за функционерите.

Протестот започна напладне од Жена парк, а учесниците пешачеа до зградата на Министерството за образование и наука, каде одржаа говори. Од Синдикатот посочија дека протестот се организира како резултат на недостаток на социјален дијалог, погазување на работничките права и достоинството на просветните работници.

Членовите на синдикатот уште еднаш нагласија дека се незадоволни од најавите за спојување на повеќе наставни предмети географија, историја, хемија, физика, биологија, граѓанско образование, етика, информатика и техничко образование.

Претседателот на Независниот синдикат Томислав Гиевски, посочи дека тоа може да доведе до губење на работни места и го погазува професионалниот интегритет на работниците.

„Географот се обучувал да предава географија, историчарот историја…Со ваквите промени просветните работници стануваат универзални, секој да биде соодветен за секој предмет да го предава. Тоа е исто како хирурзите да ги испратиме да гаснат пожар, а пожарникарите да работат во конфекција“, рече Гиевски.

Синдикалците се незадоволни и од непочитувањето на колективните договори во секторот образование. Гиевски вели дека кога станува збор за просветните работници постојано има изговор дека нема пари и дека државата е во криза, но тоа не важи за платите на државните функционери. Независниот синдикат за образование, според него, досега немал средба со актуелниот министер за образование Јетон Шаќири иако имале околу десет барања.

„Никогаш не сме добиле повратен одговор, никаква желба од страна на министерот да разговара со нас и затоа мора да не слушне од тука“, рече Гиевски.