Дописници Пропадна иницијативата спортската сала во Битола да го носи името на Боро...

Пропадна иницијативата спортската сала во Битола да го носи името на Боро Чурлевски

Советот на Општина Битола не ја прифати иницијативата на опозициската советничка Габриела Илиевска од ВМРО-НП, спортската сала „Младост“ да се преименува во „Боро Чурлевски“, ракометниот виртуоз кој прерано замина од овој свет.

– Ова беше една скромна иницијатива, поднесена без никаква политичка заднина, за да покажеме дека нашиот град никогаш не ги заборава големите луѓе на Битола. Основа на сè е иницијативата, очигледно дека овде некој не разликува што значи иницијатива – рече Габриела Илиевска, подносителка на иницијативата.

Сепак, на предлогот на опозицијата, советниците од власта возвратија дека за оваа иницијатива треба да се консултира семејството на Чурлевски и спортската јавност во Битола.

– За да ги надминеме партиските конфронтации, сметам дека спортската јавност треба да се произнесе по овој предлог. А сите ние, советници, само да го верифицираме како предлог она што ќе го донесе јавноста. Без никаква политички поени за опозицијата или позицијата – рече Игор Хаџиев , советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Понатаму по оваа иницијатива треба да се изјасни Комисијата за млади и спорт во Советот на Општината.

А.Б.