Македонија Пронајдено телото на човекот кој исчезна во водите на Глажња

Пронајдено телото на човекот кој исчезна во водите на Глажња

Потрагата по младиот човек траеше речиси шест дена, а вчера телото го бараа осуммина нуркачи од армиските специјалци „Волци“

Фото: ЦУК

Околу 15 часот попладнево пронајдено е телото на 29-годишното лице кое во попладневните часови на 29 јули исчезна во водите на вештачкото езеро Глажња во липковскиот регион, потврдија од Центарот за управување со кризи (ЦУК) и од МВР.

„По неколкудневно пребарување во водите на браната ви Липково, нуркачкиот тим од Одделот за специјални полициски операции – САЕ Тигар, на кој им се придружи нуркачки тим од Армијата на Република Северна Македонија – ЕСН Волци, го пронајдоа и го извлекоа од водите на езерото Глажња телото на удавениот Ф.Р. од с.Никуштак, за кого на 30.07.2023 во 14.00 часот беше пријавено дека влегол во водите на браната и не излегол. Увид се врши од страна на јавен обвинител и увидна екипа“, велат од МВР.

Потрагата по младиот човек траеше речиси шест дена, а вчера телото го бараа осуммина нуркачи од армиските специјалци „Волци“.

Од ЦУК вчера соопштија дека условите за потрага се многу тешки, брегот е исклучително стрмен, а длабочината на водата е повеќе од 20 метри на само неколку метри оддалеченост од брегот.

„Видливоста е исто така лоша, особено на поголема длабочина. Постојано се пребарува и брегот на езерото“, изјавија од ЦУК.