Македонија Пронајдени тројца американски туристи што се изгубиле на Галичица

Пронајдени тројца американски туристи што се изгубиле на Галичица

Туристите тргнале да планинарат кон врвот Галичица, при што се разделиле и по кратко време се изгубиле. Еден од нив ја повредил ногата, информираше ЦУК

фото: Центар за управување со кризи (ЦУК)

Тројца американски туристи вчера попладне пријавиле дека се изгубиле во Националниот парк Галичица, а спасувачки екипи ги пронашле речиси два часа подоцна, информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што соопштија од МВР, 33-годишната Н.А. од САД во СВР Битола пријавила дека таа, нејзиниот сопруг и нејзиниот брат се изгубиле во националниот парк. Тие тргнале да планинарат кон врвот Галичица, при што се разделиле и по кратко време се изгубиле.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека двајцата мажи биле пронајдени кај планинарската куќа на Н.П. „Галичица“ околу 17 часот и 30 минути, додека жената била пронајдена 20 минути подоцна на подалечна локација. Еден од мажите имал повредена нога.

„Практично, веднаш по дојавата за помош од изгубените, на терен брзо излегла екипата на единицата за спасување на планина од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, којашто е доброволна волонтерска организација, што делува во регионот околу Охридското Езеро, односно на територија на општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Ресен и Поградец. За настанот ЦУК ги  извести дежурните во Подрачната единица на ДЗС, а и во МВР – ЦИК од Охрид“, информираа од Центарот за управување со кризи, од каде додаваат дека во спасувачката акција учествувала и патрола од Граничната полиција од Св. Наум.

Иако лицата биле пронајдени околу 17.30 часот, акцијата целосно била завршена на полноќ, поради тешко пристапниот терен.