Македонија Пронајдени сите тела на патниците во „пајперот“

Пронајдени сите тела на патниците во „пајперот“

Увидните екипи, кои се на местото каде вчера се урна италијанскиот авион, од типот „пајпер“, ги пронашле телата на сите шест починати патници, соопшти Јавното обвинителство.

„Станува збор за пет мажи и за една жена. Телата се подготвени за пренесување во Институтот за судска медицина, каде во наредниот период по налог на јавен обвинител ќе следува постапка за идентификација“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Италијанските медиуми претходно објавија дека авионот го управувал пилотот Франческо Монтањер, претседател на аероклубот во Тревизо, а во него биле уште потпретседателот на клубот, Дарио Бастасин, како и Лука Дале Муле, Италијанката Илариа Берти, Ангело Калегари и Косовецот со италијански пасош, Висар Бегај.

Од Јавното обвинителство денеска информираа дека се врши распит на двајца пилоти од Италија кои со други две летала слетале на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, а било повикано и стручно лице, „компетентно за овој вид несреќи“. Оттаму соопштија дека бил обезбеден и дрон кој треба да изврши снимање од воздух на теренот каде што се случила авионската несреќа, а снимките треба да помогнат за утврдување на динамиката на движењето на леталото и начинот на кој дошло до несреќата.

Авионот, кој вчера околу 17.40 часот исчезна од радарот на скопскиот аеродром „Александар Велики“, летал од Тревизо за Приштина. На скопскиот аеродром бил уредно пријавен за дополнување гориво.