Македонија Промовирана платформата за истражувачки новинари „Гетдата“

Промовирана платформата за истражувачки новинари „Гетдата“

Гетдата“ (Getdata.mk) е новата алатка за истражувачки новинари, студенти по новинарство и за невладини организации кои работат на истражувања поврзани со корупцијата и со владеењето на правото, која денеска беше промовирана во ЕУ Инфоцентар. Проектот е финансиран од Европската Унија, а изработен е од граѓанската асоцијација „Мост“ и од интернет-порталот „Нова“.

Оваа платформа ги систематизира поважните јавно достапни бази на податоци, како и други методи преку кои може да се дојде до јавни информации што можат да им бидат од корист на истражувачите. На платформата се достапни бази со податоци од Македонија, но, исто така, има опција за пребарување на бази со податоци од светот.

– Институциите создаваат огромни бази на јавни податоци и документи кои во ерата на интернет-технологиите и стремежите за отворено општество стануваат полесно достапни. Истовремено, овие податоци заедно со теренската работа и со аналитичките способности, во 21 век стануваат клучни алатки во работата на истражувачките новинари – истакна авторката на платформата, Сашка Цветковска.

Таа додаде дека во поразвиените демократски земји новинарите имаат полесен пристап до ваквите информации за разлика од Македонија. Цветковска појасни дека акредитираните новинари во Италија за 20 евра можат да добијат податоци испишани на околу 300 страници, а во Македонија, пак, новинарите плаќаат по 500 денари само за да добијат информација од Централниот регистар за само да дознаат кој е сопственик на некоја компанија. Авторката на платформата „Гетдата“ додаде дека во други земји новинарите имаат и попусти при набавувањето податоци од државните бази на информации, притоа напоменувајќи дека во Македонија такви попусти нема.