Дописници Професорот Рубин Земон, в.д. претседател на Алијанса за позитивна Македонија

Професорот Рубин Земон, в.д. претседател на Алијанса за позитивна Македонија

Познатиот активист за човекови права и за етничка толеранција, универзитетскиот професор Рубин Земон, инаку, припадник и врвен активист на Здружението на Египќаните во Македонија и на Балканот, ќе ја извршува функцијата в.д. претседател на Алијанса за позитивна Македонија.

Вака одлучил главниот одбор на партијата на седницата одржана вчера, на која биле избрани органите и телата на партијата.

Покрај Земон, охриѓанец по место на живеење, во раководната структира на партијата се тројца потпретседатели: Сашо Богданоски,  Оливера Николова, Сашо Милкоски, како и секретарот Цоки Ристовски.

За извршни секретари на партијата се избрани: Антонио Секулоски, Антигони Миленкоска, Џевдет Халими и Сашо Атанасов.

Во составот на извршниот одбор на партијата, избрани се главно познати личности, поранешни и актуелни универзитетски професори, дипломирани политиколози, лекари-специјалисти, адвокати, приватни сопственици и еден новинар, Тодор Пендаров.

– Главниот одбор оцени дека партијата во наредниот период треба да игра активна улога на политичката сцена на Македонија, околу зајакнување на политичкиот центар, промовирање на граѓанскиот концепт, либералните идеологии, како и во понатамошното демократизирање на сите пори на македонското општество. Почитувањето на правната држава, одвојувањето на партиите и на државата од изборниот процес, промената на изборниот систем и на изборниот модел во Македонија, воспоставувањето на општествената правда и на еднаквите можности за сите граѓани, итното зачленување на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, развојот на мултикутурното општество и на интеркултурализмот, заштитата на човековите права и подгинувањето на животниот стандард во Македонија, се приоритетите за кои ќе се залага Алијансата за позитивна Македонија во наредниот период – стои во соопштението на АПМ.

Претходно, АПМ ја водеа професорот и поранешен премиер Владо Бучковски и новинарот Љупчо Зиков, заедно со бизнисменот Минчо Јорданов.