Македонија Приведени две лица за убиството кај Мавровка, во периодот што следи ќе...

Приведени две лица за убиството кај Мавровка, во периодот што следи ќе има зголемено полициско присуство

На полицијата ѝ е познат и идентитетот на третото осомничено лице кое е во бегство и за кое се преземаат мерки за негово пронаоѓање, велат од МВР

Фото: Pixabay.com

Полицијата привела две лица за убиството што денеска се случи на паркинг простор пред трговски центар „Мавровка“ во Скопје, кога со огнено оружје беше застрелано едно лице, кое почина на лице место.

Од МВР велат дека веднаш биле преземени оперативно – тактички мерки, затворање на дел од градското подрачје, преглед на повеќе домови и преглед на повеќе возила, во кои биле вклучени специјални полициски сили, хеликоптери и дронови.

„Имено, на подрачјето на општина Чаир, забележено е патничко возило, кое се обидело да побегне, при што лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје. Полициските службеници возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода. При преземањето понатамошни мерки, од слобода било лишено уште едно лице, а на полицијата ѝ е познат и идентитетот на третото осомничено лице кое е во бегство и за кое се преземаат мерки за негово пронаоѓање“, велат од МВР.

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека во периодот што следува во некои делови од град Скопје ќе има зголемено полициско присуство со цел целосно расчистување на случајот.