Здравје Притвор за жител на Ресен под сомнение дека силувал шестгодишно девојче

Притвор за жител на Ресен под сомнение дека силувал шестгодишно девојче

Тој, според обвинителството, искористил прилика додека жртвата, нејзината сестра и внуката на осомничениот заедно си играле

Фото: Pixabay.com

Основното јавно обвинителство Битола донело наредба за спроведување истражна постапка против жител на Ресен против кого е поднесена пријава за кривично дело – Силување дете кое не наполнило 15 години согласно член 188 став 5 од Кривичниот законик.

Според соопштението на обвинителството, постои сомнение дека ресенчанецот на 2 јуни извршил други полови дејствија врз девојче родено во 2017 година, со кое бил сосед. Тој искористил прилика додека жртвата, нејзината сестра и внуката на осомничениот заедно си играле.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, оценувајќи дека тој би можел да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и врз оштетеното дете или да го повтори делото.

Судијата го прифатил предлогот на обвинителството и на осомничениот му определил притвор во траење од 30 дена.