Македонија Пристигна новиот амбасадор на САД во Македонија

Пристигна новиот амбасадор на САД во Македонија

Новиот американски амбасадор, Џес Бејли, денеска пристигна во Македонија, објави на својата фејсбук-страница Амбасадата на САД во Скопје.

Бејли е дипломат од кариера во рангот министер-советник и во американскиот Стејт департмент е од 1985 година. Во Скопје доаѓа од Анкара, Турција, каде од 2011 година бил заменик-шеф на американската амбасада.

Пред тоа, Бејли бил директор на одделот за Југоисточна Европа во Стејт департментот, одговорен за билатералните односи со Турција, Грција и со Кипар. Во богатата професионална кариера, тој, меѓу другото, бил директор на Канцеларијата за политички прашања на Обединетите нации, шеф на Регионалниот тим за реконструкција на Ербил, Регион Курдистан во Ирак, и директор на прес-центарот за надворешни работи во Вашингтон. Службувал во амбасадите во Хаг, Холандија, како советник за односи со јавноста, а бил советник за културни прашања и портпарол во амбасадата во Анкара.

Претходно, до спојувањето со Стејт департментот, работел во Американската информативна агенција (USIA) и во амбасадите во Тајланд, Сенегал и во Бангладеш.

Роден во Синсинати, Бејли дипломирал на Универзитетот „Јеил“, а магистирал европска историја на Универзитетот „Колумбија“. Зборува француски, турски и тајландски јазик. Тој е оженет и има еден син.

Новиот американски амбасадор доаѓа на местото на амбасадорот Пол Д. Волерс, кој во Македонија беше од 13 септември 2011 година.