Дописници Прилепската болница без доволно специјалисти

Прилепската болница без доволно специјалисти

Во општата болница „Борка Талески“ во Прилеп, повеќе од една деценија алармантен е проблемот со недостиг од специјалисти. Речиси сите одделенија се соочуваат со овој проблем. Пациентите не се оставени без потребната здравствена заштита, но факт е дека за две-три години, ќе се пензионираат и дел од сега ангажираните доктори.

„За само две години СДС успеа да го урниса здравството и да го доведе до тотален колапс. На први март почнува првиот семестар за специјализанти на Медицински факултет- УКИМ Скопје. За прв пат после неколку години, од повеќе болници и клиники државни специјализанти ќе ја започнат специјализацијата и тоа за прв пат во време на владеење на СДС, иако поминаа веќе две години. Но, од прилепската болница нема да започне ниту еден специјализант,” – истакна Влатко Петкоски од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп.

Директорот на болницата, Драги Богоески пак соопшти низа позитивни резултати од неговото досегашно раководење. Меѓудругото тој акцентираше дека за 2019 година на специјализација ќе бидат упатени 15 доктори.

„Во болницата драстично е намален бројот на специјалисти во одделни одделенија, затоа што раководните кадри од 2007 до 2017 не воделе квалитетна политика на упатување на доктори на специјализација. За овој период само 18 доктори се упатени на специјализација, а за 2019 година ќе бидат упатени 15 доктори“, вели директорот Богоески.

Според него, приоритет се специјализациите по неврологија, ортопедија, анестезија, интерна медицина каде што во иднина ќе има недостиг.

-Точно е дека во ортопедско и хируршко ќе нема доволно специјалисти. Но, тоа не е по вина на сегашното раководство, туку на претходните кадри, д-р Илија Богатиноски и д-р Петар Ристески, кои што како претходни директори упатија само 18 доктори“, додава директорот Богоески.

Тој посочи и набројни нови инвестиции во болницата, многу опрема која што придонесува за рана и успешна дијагностика на многу болести. Според него во голема мерка се редуцирани поранешните енормни давачки за струја и телефон.