Македонија Претседателот со честитка по повод празникот Свети Климент Охридски

Претседателот со честитка по повод празникот Свети Климент Охридски

„Дозволете ми да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Св. Климент Охридски и да Ви посакам празникот да го поминете во добро здравје, исполнети со радост и со среќа“, стои во честитката на претседателот Стево Пендаровски

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски, по повод христијанскиот празник Свети Климент Охридски упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Господин Господин Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и до сите верници од православната вероисповед.

„Дозволете ми да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Св. Климент Охридски и да Ви посакам празникот да го поминете во добро здравје, исполнети со радост и со среќа“, стои во честитката на претседателот Стево Пендаровски.

Претседателот додава дека со своето дело патронот на Mакедонската православна црква – Охридска архиепископија, Св. Климент Охридски, оставил трајно наследство коешто изобилува со духовност и со мудрост.

„Со силна вера, дисциплина и  посветеност, Св. Климент ги надминуваше пречките коишто му стоеја на патот, неуморно ширејќи ја својата пастирска љубов. Споделувајќи ги светогледот, духовноста, културата и хуманизмот на големиот учител  и ние да даруваме љубов, да бидеме внимателни и грижливи, придонесувајќи за мирот, хармонијата, просперитетот и благосостојбата во македонското општество“, стои во честитката на претседателот Пендаровски.