Македонија Претседателот Пендаровски упати честитка по повод големиот христијански празник Божиќ

Претседателот Пендаровски упати честитка по повод големиот христијански празник Божиќ

Пендаровски во честитката посочи дека годинава Божиќ се празнува во време на голема неизвесност, страв и човечки страдања предизвикани од војни, кризи и социјални неправди, а предизвиците не ги одминуваат ниту македонските граѓани, особено најранливите меѓу нас

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски, упати честитка до сите граѓани кои го прославуваат големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ, до архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима, господин господин Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев.

Пендаровски во честитката посочи дека годинава Божиќ се празнува во време на голема неизвесност, страв и човечки страдања предизвикани од војни, кризи и социјални неправди, а предизвиците не ги одминуваат ниту македонските граѓани, особено најранливите меѓу нас.

„Како заедница на верните, Црквата е повикана активно да учествува во обновата на надежта. Со солидарност кон ранливите, со заложби за социјална правда, со личен интегритет, со почит кон различните, Црквата и верниците можат да придонесат кон обновата на довербата и добрината во нашата заедничка македонска татковина. Нека Христовото раѓање биде поттик за секој од нас, да ја следиме Божиќната порака: „Мир на земјата, а меѓу луѓето добра волја“. Среќен Божиќ! Христос се роди!“, стои во честитката на претседателот Пендаровски.