Македонија Претседателот Иванов меѓу Македонците од Пустец

Претседателот Иванов меѓу Македонците од Пустец

Претседателот Ѓорѓе Иванов денеска, во рамките во дводневната посета на Република Албанија, престојува во Пустец и во Мала Преспа, на средба со македонската заедница од општина Пустец, единствената на Македонците во Албанија. Тоа е прва посета на највисоко ниво, од претседател на Република Македонија.

Претседателот Иванов ја посети локалната самоуправа на општината, каде го пречека градоначалникот на општина Пустец, Едмон Темелко. Во придружба на домаќините, Иванов ја разгледа црквата „Свети Архангел Михаил“, а беше во посета и на гимназијата „Трајан Георгиевски и Митре Колевски“. Во делегацијата што го придружува претседателот Иванов е и министерот за одбрана, Зоран Јолевски.

Претседателот Ѓорге Иванов вчера во Тирана се сретна со неговиот домаќин, албанскиот претседател Бујар Нишани, со премиерот Еди Рама, и со претседателот на Собранието, Илир Мета. Иванов, исто така, имаше средби со градоначалникот на Тирана, Љуљзим Баша и со архиепископот на Албанската православна црква, Анастасиј Јанулатос.

Главниот град на Албанија, Тирана, особено центарот, како и сите официјални институции, беа украсени со знамето на Република Македонија. Шаренилото на боите на македонското знаме, беше присутно и во Пустец, каде Македонците на претседателот Иванов му приредија срдечен пречек.

В.М.