Култура Престижен француски орден за Гордана Јосифова-Неделковска

Престижен француски орден за Гордана Јосифова-Неделковска

Музичкиот селектор на фестивалот „Охридско лето“, Гордана Јосифова-Неделковска, е одликувана со престижниот орден на Република Франција, „Витез од редот на уметности и на книжевноста“.

Одликувањето синоќа на свеченост во француската резиденција ѝ го врачи амбасадорката на Франција, Лоренс Оер, која го истакна нејзиниот придонес во ширењето на француската култура и на уметноста, односно нејзините достигнувања во промоцијата на уметноста во Македонија, промоција на македонската уметност надвор од земјата и во поддршка на промоцијата на француската култура во Македонија.

– Француската влада сака да ѝ оддаде признание на г-ѓа Јосифова-Неделковска, особено во областа на уметноста и збогатувањето на вредностите во делот на културата. Со ова одликување Франција сака да ѝ покаже колку ја почитува нејзината работа и придонесот во промоцијата на француската култура – рече француската амбасадорка Лоренс Оер.

Одликувањето „Витез на уметноста и на книжевноста“, што го доделува француското Министерство за култура и комуникации, спаѓа во четирите најважни одликувања во Франција. Се доделува од 1957 година и е едно од најпрестижните одликувања во оваа сфера. Одликувањето се доделува секоја година и го добиваат заслужни професионалци во Франција и исклучителни личности надвор од Франција. Во минатото одликувањето се доделувало само на француски државјани, а во поново време членови на Редот на уметноста можат да бидат и странски државјани, а некои од нив се и Кејт Бланшет, Џорџ Клуни, Шакира, Роберт Редфорд, Пол Остер и други.

– Особена чест ми претставува тоа што моите долгогодишни заложби и постигнати резултати биле препознаени и вреднувани од Министерството за култура на Република Франција, а по иницијатива на амбасадорката на Република Франција во Македонија, нејзината екселенција Лоренс Оер. Да се доживее ова, е повеќе од привилегија, дадена можност за што сум бескрајно благодарна, но истовремено ова ми дава толку возвишено чувство, што го чувствувам и доживувам како подарок од Бога. Ова признание ме прави бескрајно среќна, но уште повеќе ме задолжува во моите понатамошни вложувања – рече Јосифова-Неделковска.

Најпрестижниот фестивал кај нас, „Охридско лето“, во рамките на фестивалската програма во соработка со француската амбасада и Францускиот културен центар од Скопје, како и „Охридска банка АД Скопје – Сосиете женерал груп“, традиционално организира „Француска вечер“ со концерти на врвните уметници од Франција.