Македонија Предлогот на СДСМ за медиумите неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ и за ДУИ

Предлогот на СДСМ за медиумите неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ и за ДУИ

Преговорите на работните групи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино се очекува да продолжат денеска попладне, кога преговарачите треба да се произнесат за предлог-законот за медиуми поднесен од СДСМ. Според тоа што го пренесуваат провладините медиуми, овој закон е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ и за ДУИ.

СДСМ вчера до партиите потписнички на Договорот од Пржино го испрати својот предлог-закон за медиумите, а предлогот бил на иста линија со тој на белгискиот олеснувач Питер Ванхауте.

Закон за владино рекламирање и комбинирана форма за функционирање на МРТВ по словенечко-германско-белгиски модел, пак, се предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за регулирање на медиумите.

Од владејачката партија предлагаат финансирањето на МРТВ да биде на два начина: едниот начин е таа да се финансира преку буџетот, а вториот – преку радиодифузна такса. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ предложила Советот на МРТВ да остане ист, a 100 дена пред изборите, информативната програма да ја уредуваат двајца уредници, еден од власта и еден од опозицијата.

Од владејачката партија предлагаат и Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги да биде составен од седум члена, од кои по два члена треба да предложат ЗНМ и МАН, а од кои едниот да биде од националните телевизии. Според предлогот на власта, по еден член треба да предложат и интеруниверзитетската академија, МАНУ и адвокатската комора.

ВМРО-ДПМНЕ предложила и намалување на казните за медиумите, а бара и сите медиуми во Македонија да се регистрираат како трговски друштва.

Овие предлози се неприфатливи за СДСМ и за Здружението на новинари на Македонија.