Главна секција Пратениците на СДСМ ја напуштија собраниската сала додека зборуваше Мукоски

Пратениците на СДСМ ја напуштија собраниската сала додека зборуваше Мукоски

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, неколку минути пред 19 часот го прекина второто продолжение на шестата седница и третото продолжение го закажа за утре напладне, кога ќе треба да се расправа за одлуката за давање согласност на општите акти на Народниот правобранител.

Следна точка на дневниот ред на шестата седница е разрешувањето на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.

Пред завршувањето на седницата, пратеничката група на СДСМ и на коалицијата ја напушти салата кога збор зеде Крсто Мукоски, еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кој на т.н. крвав четврток помогна во отворањето на собраниските врати. Кога тој заврши со неговото излагање во законодавниот дом, пратениците на СДСМ се вратија на своите пратенички места.

„Пратеничката група на СДСМ и на коалицијата ја напушти пленарната сала! Немаме намера да ги слушаме вратарите како Мукоски! Се враќаме штом ќе заврши“ , напиша на својот фејсбук-профил пратеникот од СДСМ, Стефан Богоев.

Веднаш по самиот почеток на денешното продолжение, Џафери ја прекина седницата откако координаторот на седмата од десетте пратенички групи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Стевананџија, побара еден час пауза.

Џафери, побара од Стевананџија да објасни „од која пратеничка група, од која политичка партија, од кој субјект бара пауза“ и, сепак, и покрај бурните реакции од мнозинството, ја прекина седницата.