Свет Европа Пожар во кампот Џунгла на Кале, бегалците бегаат

Пожар во кампот Џунгла на Кале, бегалците бегаат

Во мигрантскиот камп познат како Џунгла во пристанишниот град Кале, кој властите почнаа да го уриваат, синоќа избиле неколку пожари, а во еден од нив повреден е сириски мигрант откако експлодирала боца со гас, јавуваат француските медиуми.

Пожарите во импровизираниот камп, од кој од понеделникот се евакуираат луѓе, почнале да избиваат нешто по полноќ, а се интензивираа во периодот до 3 часот, особено на влезот на кампот.

Во тој временски период експлодирале најмалку две боци со гас, поради што голем број луѓе од кампот морале да се оддалечат на околу 100 метри од кампот.

Пожарот го гаснеле пожарникари од Кале и од околните градови, со полициска придружба, јавуваат локалните власти.

– Евакуиравме меѓу 150 и 200 мигранти, пред сè Авганистанци и Сиријци, а меѓу нив и петнаесет деца кои се однесени во привремен приемен центар – рече комесарот на полицијата во Кале, Патрик Вис-Бурдон.

Пожарите во кампот Џунгла почнаа во вторник околу пладне, додека во тек беше уривањето на колибите и на импровизираните куќи, кои мигрантите беа принудени да ги напуштат затоа што француската влада одлучи да ги расели и да ја урне најголемата нелегална населба во Франција.