Македонија Повторно ставени во функција двата багера за ископ на јаглен во рудникот...

Повторно ставени во функција двата багера за ископ на јаглен во рудникот Суводол

Се стабилизира состојбата во РЕК Битола, после големите поплави од минатата недела кои предизвикаат штети во рудниците за јаглен Суводол и Брод Гнеотино. „Ископот продолжува според предвидениот план за производство на електрична енергија, како и потребите на електроенергетскиот систем на земјата. Багерските единици СРс 630/1 и СРс 323 за ископ на јаглен во рудникот Суводол се повторно ставени во функција“, информираат од РЕК Битола.

Додаваат дека двата багера за ископ на јаглен се ставени во функција само неколку денови по поплавите, а санирањето на состојбите продолжува со несмален интензитет и покрај тоа што е исполнета првичната цел – континуиран дотур на јаглен за Термоелектраната Битола. Испумпувањето на водата и на калта што ја оставија зад себе поплавите, продолжува и во наредниот период, се до целосно оспособување и повторно ставање во функција и на најголемиот багер за ископ на јаглен – КУ 300.

„Во надминување на последиците од елементарната непогода, од самиот почеток вклучено е комплетното раководство на АД ЕСМ и на РЕК Битола, како и сите вработени во Рудникот Суводол и во Комбинатот. Со натчовечки заложби и деноноќна работа, санацијата на последиците од поплавите во рудникот Суводол засега се одвива со задоволителна динамика“, стои во соопштението на РЕК Битола.